
Папата Лео XIV денеска ги повика светските лидери да го прекинат ширењето на закони и практики кои, според него, ги ограничуваат слободите на говор и мислење. Во обраќањето пред дипломатскиот кор акредитиран во Ватикан, тој оцени дека некои современи регулации на говорот стануваат „орвеловски“, користени за да се цензурираат различни мислења и да се поткопа основното човеково право на слобода на изразување.
„Јазикот не треба да биде оружје за манипулација и исклучување, туку средство за вистински дијалог“, рече папата, истакнувајќи дека порастот на овие практики може да доведе до намалување на просторот за автентичен слободен говор и за заштита на совеста.



























