Извршниот директор и ко-основач на „Оракл“, Лари Елисон, стана најбогатиот човек во светот, симнувајќи го од врвот првиот човек на „Тесла“, Илон Маск.
Иако неговото име не е толку препознатливо како на Маск, 81-годишниот Елисон веќе пет децении е клучна фигура во технолошката индустрија. Во 1977 година тој ја основа „Оракл“ и стана пионер во развојот на комерцијално одржливи релациони бази на податоци – технологија која денес е основа на модерното работење.
Неговиот животен пат не бил едноставен. Роден во Њујорк, како дете ја изгубил мајка си и бил одгледан од својата тетка и чичко во Чикаго. Иако бил прогласен за студент на годината по природни науки, се откажал од завршните испити по смртта на тетката. Кратко студирал физика и математика на Универзитетот во Чикаго, каде првпат се сретнал со компјутерски дизајн, а потоа се преселил во Калифорнија и започнал кариера како програмер.
Денес, Елисон е претседател и главен директор за технологија на „Оракл“, а неговото богатство најмногу доаѓа од поседувањето на околу 1,16 милијарди акции на компанијата. Со тоа тој официјално го симна Илон Маск од тронот на најбогатиот човек во светот.