Орбан до фон дер Лајен: „Време е да си замине“ – Европскиот парламент ќе гласа за недоверба
Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати директна порака до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, објавувајќи фотографија со натпис: „Време е да си замине“. Објавата доаѓа во пресрет на најавеното гласање за недоверба што ќе се одржи утре во Европскиот парламент.
Иницијативата за разрешување на фон дер Лајен е поттикната од неодамнешната пресуда на Европскиот суд, според која Европската комисија постапувала нетранспарентно, откако одбила да ја обелодени преписката меѓу фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“. Комуникацијата се однесува на набавките на вакцини за време на пандемијата од Ковид-19, кога ЕУ склучи договори со оваа фармацевтска компанија.
Иако се очекува дебата и формално гласање, аналитичарите од Брисел предвидуваат дека иницијативата за недоверба најверојатно нема да добие доволна поддршка во Европскиот парламент.