
Руската крстосувачка ракета на нуклеарен погон „Буревестник“, за која се тврди дека има практично неограничен дострел, предизвикува сериозна загриженост во воените кругови во САД, јавуваат кинески медиуми повикувајќи се на аналитички извори.
Според порталот 360kuai, оваа ракета претставува значаен технолошки исчекор во однос на постојните системи, бидејќи користи нуклеарен погон што ѝ овозможува долготрајно летање и висока оперативна флексибилност. Аналитичарите наведуваат дека ваквите карактеристики ја отежнуваат нејзината детекција и пресретнување.
Рускиот претседател Владимир Путин при првичната презентација истакна дека „Буревестник“ може да лета на многу ниски височини, надвор од дометот на класичните радарски системи, како и дека нејзиниот дострел е практично неограничен. Иако западните експерти првично изразуваа сомнеж за изводливоста на ваков систем, според последните анализи, се повеќе се прифаќа дека проектот е во напредна фаза.
Концептот на нуклеарно придвижувана крстосувачка ракета датира уште од Студената војна, кога САД работеле на проектот „Плутон“. Сепак, тој бил напуштен поради сериозни технички и безбедносни ограничувања, особено во однос на минијатуризацијата на реакторот. Современите технологии, според некои проценки, ѝ овозможиле на Русија да надмине дел од тие предизвици.
Кинеските аналитичари предупредуваат дека евентуалното воведување на „Буревестник“ може значително да ја промени глобалната безбедносна архитектура, особено во контекст на системите за ракетна одбрана во кои САД вложија значителни ресурси. Способноста на ракетата да маневрира на ниски височини и да остане во воздух подолг период ја доведува во прашање ефикасноста на постојните одбранбени механизми.























