
Во руските училишта се подготвува воведување на нов предмет што веќе предизвика реакции. Од учебната 2026–2027 година, петтоодделенците ќе започнат да учат „Духовно-морална култура на Русија“, наставна дисциплина која според властите треба да ги обликува младите врз „традиционалните руски вредности“.
Програмата е изработена во соработка со митрополитот на Крим, Тихон (Шевкунов), додека методологијата е подготвена од Московскиот државен педагошки универзитет. Предметот ќе се воведува постепено од учебната 2027-2028 година ќе бидат опфатени и шесто и седмо одделение. Вкупно се планирани 85 наставни часа, при што часовите по англиски јазик ќе бидат намалени од три на два неделно, што веднаш предизвика критики во дел од јавноста.
Целта на курсот е учениците да се запознаат со патриотизмот, граѓанската одговорност, значењето на семејството како сојуз помеѓу маж и жена, историската меморија, творештвото и верата во Бога. За да се илустрираат овие вредности, наставата ќе вклучува примери од животот на историски и современи личности – од кнезот Александар Невски и поетот Александар Пушкин, до космонаутот Јуриј Гагарин и разузнавачот Рихард Зорге.
Посебен фокус ќе биде ставен и на современите примери на храброст, вклучително и темите поврзани со „специјалната воена операција“ во Украина, според официјалната терминологија на Русија. Во наставата ќе бидат вклучени и религиозни примери на благочестие, како житијата на великата кнегиња Елисавета Фјодоровна и протојерејот Михаил Василиев, кој загина во Херсонската област во 2022 година.






















