
Македонските граѓани кои патуваат во земјите од Шенген-зоната ќе треба да се подготват за нова процедура за патување. По воведувањето на Влезно-излезниот систем (EES), следната промена се однесува на Европскиот систем за информации и овластување за патување – ЕТИАС (ETIAS).
Системот е наменет за државјани на земји со безвизен режим со Европската Унија, меѓу кои е и Македонија.
ЕТИАС не претставува виза, туку електронско одобрение за патување кое ќе биде поврзано со пасошот. Пред патувањето, патниците ќе треба да поднесат електронска апликација и да добијат одобрение.
Аплицирањето ќе се врши преку официјалниот веб-портал или преку мобилна апликација. Ќе се внесуваат основни лични и податоци од пасошот, а апликацијата во најголем број случаи ќе се обработува автоматски за неколку минути.
Предвидено е апликацијата да чини 20 евра, со одредени категории граѓани кои ќе бидат ослободени од плаќање.
Одобрението ќе важи до три години или до истекот на пасошот, зависно од тоа кој рок ќе настапи прв. Тоа ќе овозможува повеќекратни патувања, но и понатаму ќе важи правилото за безвизен престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Важно е што добиениот ЕТИАС не значи автоматски гарантиран влез во земјата. Конечната одлука и натаму ќе ја носат граничните служби, кои ќе проверуваат дали патникот ги исполнува сите услови за влез.
Иако претходно се очекуваше системот да започне до крајот на 2026 година, неговото воведување е одложено. Според актуелните најави, ЕТИАС се очекува да стане оперативен во текот на 2027 година, но точниот датум сè уште не е официјално потврден.
Европските институции најавуваат дека датумот на почеток ќе биде објавен неколку месеци однапред. Во моментов, барањата за ЕТИАС не се примаат и граѓаните не треба да аплицираат преку неофицијални страници.















