
Сите американски борбени сили и единици за логистичка поддршка се повлекле од Ирак, тврди ирачки извор за тамошните медиуми. Засега нема официјална потврда од американската страна.
Повлекувањето се случува пред истекот на официјалниот рок, кој е 30 септември. Во Ирак во периодот се прогласени и четири неработни денови по повод прославата на Денот на независноста.
Американските сили беа распоредени во Ирак во рамки на меѓународните напори за борба против Исламска држава. САД и сојузниците ја започнаа инвазијата врз Ирак во 2003 година, кога беше соборен режимот на Садам Хусеин.
Американските и сојузничките сили во 2011 година се повлекоа од земјата, но американската армија се врати во 2014 година на барање на ирачката влада, по појавата и ширењето на Исламска држава.
Во 2021 година беше прогласен крај на американската борбена мисија против Исламска држава, а во 2024 година Вашингтон и Багдад постигнаа договор за постепено повлекување на американските сили.
Во изминатите години во Ирак беа распоредени околу 2.500 американски војници, главно во курдскиот регион Ербил, во база во близина на аеродромот во Багдад и во „Зелената зона“ во главниот град.
Безбедносната состојба во земјата дополнително се влоши по почетокот на конфликтот меѓу Израел, САД и Иран. Американските објекти и војници во Ирак, како и курдските сили, беа мета на повеќе напади со ракети и беспилотни летала.
Посебно погоден беше курдскиот регион, каде што се наоѓа мултинационална воена база во која претходно беа распоредени американски и германски војници.
Премиерот на Регионалната влада на Курдистан, Масрур Барзани, го критикуваше повлекувањето и предупреди дека регионот останува изложен на безбедносни ризици.
Во исто време, ирачките власти најавија планови за интегрирање на паравоените формации поддржани од Иран во државниот безбедносен апарат, но спроведувањето на оваа мерка е одложено до јуни следната година.
Курдскиот регион во северен Ирак има полуавтономен статус и со години има сложени односи со централната власт во Багдад. Повлекувањето на американските сили дополнително го отвора прашањето за идната безбедносна архитектура во регионот.















