УТРО.мк

Гасот повторно ја тресе Европа: Брисел бара итно штедење

Гасот повторно ја тресе Европа: Брисел бара итно штедење
Vero

Европската унија ги повикува земјите-членки да преземат итни мерки за намалување на потрошувачката на гас, во услови на раст на цените и зголемен притисок врз европскиот енергетски пазар.

Европскиот комесар за енергетика, Ден Јоргенсен, во писмо до министрите за енергетика предупредил дека Европа се соочува со сериозна ценовна криза, која е директно поврзана со состојбата со снабдувањето.

Капацитетите за складирање гас во Европа во моментов се исполнети со околу 70 проценти, додека цената на холандскиот референтен пазар TTF со недели се задржува над 70 евра за мегават-час.

Според Јоргенсен, состојбата дополнително ја влошиле глобалните тензии на пазарот на течен природен гас, но и исклучително високите температури и сушата во текот на летото.

Европската комисија затоа бара од земјите-членки да преземат конкретни чекори за зголемување на резервите и намалување на потрошувачката на гас и електрична енергија.

Меѓу предложените мерки се поттикнување на домаќинствата да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во периодите на најголема дневна потрошувачка, ограничување на греењето во државните и општинските објекти, како и исклучување на непотребното јавно и декоративно осветлување во текот на ноќта.

Целта е да се намали потрошувачката на гас што се користи за производство на електрична енергија и да се обезбедат поголеми резерви пред претстојниот период.

Министрите за енергетика на ЕУ за мерките и состојбата на енергетскиот пазар ќе разговараат на неформалниот состанок закажан за 29 септември во Ирска.

Јоргенсен сепак нагласи дека во моментов нема непосреден ризик за целосно нарушување на безбедноста на снабдувањето со енергија. Тој потсетил дека Европската комисија и во март повикала на зголемување на резервите, но не сите земји-членки тогаш ги исполниле очекувањата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран