Нови масовни протести низ САД против администрацијата на Трамп – се најавуваат акции во речиси 2.000 градови
Движењето „Без кралеви“ најави масовна акција на граѓанска непослушност, која се очекува да биде најголемиот еднодневен протестен бран откако Доналд Трамп повторно ја презеде претседателската функција.
Организаторите планираат мирни демонстрации на речиси 2.000 локации низ цела Америка, од кои над 1.500 се градови и населени места ширум САД, со цел да упатат јасна порака на отпор кон политиките на актуелната администрација.
„Претседателот Трамп сака тенкови на улиците и телевизиски преноси на демонстрации на сила за неговиот роденден. Спектакл кој треба да создаде привид на моќ. Но вистинската моќ не се демонстрира во Вашингтон – таа се гледа насекаде на друго место“, се наведува во соопштението на движењето објавено на нивната официјална веб-страница.
Организаторите повикуваат граѓаните да излезат и да се спротивстават на, како што велат, „авторитарните тенденции“ на новата власт, користејќи ненасилни средства за изразување на несогласување и отпор.