
Куба ја зголемува својата воена подготвеност поради стравувања од потенцијална агресија од страна на САД, но истовремено испраќа пораки дека не е заинтересирана за влошување на односите со Вашингтон.
Заменик-министерот за надворешни работи, Карлос Фернандез де Косио, во интервју за NBC изјави дека кубанската армија е во состојба на готовност, нагласувајќи дека актуелните глобални случувања ја наметнуваат потребата од зголемена внимателност.
„Нашата војска е секогаш подготвена и во моментов активно се подготвува за можни сценарија. Сепак, се надеваме дека до тоа нема да дојде и не гледаме основа за таков развој“, изјави тој, додавајќи дека Куба нема намера да влезе во конфликт, но ќе го брани својот суверенитет.
Тој потенцираше дека Хавана останува отворена за дијалог со САД, истакнувајќи дека дипломатско решение е приоритет.
Односите меѓу двете земји се обележани со децениски тензии, кои датираат од доаѓањето на власт на Фидел Кастро во 1959 година. Во последниот период, Вашингтон дополнително го засили економскиот притисок врз островот, вклучително и ограничувања во снабдувањето со енергенси.
Дополнителни реакции предизвика и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој навести можност за „ослободување“ на Куба, без да навлезе во детали, што беше протолкувано како сигнал за заострување на политиката.
Во меѓувреме, земјата се соочува и со внатрешни предизвици, откако повторно дојде до прекин на електричната енергија, седми во последните месеци. Властите уверуваат дека се преземаат мерки за стабилизација на снабдувањето, додека истовремено ја обвинуваат американската политика за дополнителни тешкотии.























