
Иран развива и позиционира ракетни системи со дострел што потенцијално може да ги опфати и европските главни градови, објави британскиот весник „Тајмс“, повикувајќи се на израелски разузнавачки и дипломатски извори.
Според извештајот, повод за ваквите проценки се двете ракети испукани кон британско-американската воена база на островот Диего Гарсија, кој се наоѓа на приближно исто растојание од Техеран како и дел од западноевропските метрополи. Израелската војска оцени дека Иран претставува поширока безбедносна закана, наведувајќи дека неговите ракети би можеле да достигнат цели како Лондон, Париз или Берлин.
Дипломатски извори за „Тајмс“ посочуваат дека лансирањето на ракетите било сигнал до европските држави, особено до Велика Британија и нејзините сојузници, кои учествуваат во безбедносните операции за заштита на Ормутскиот теснец заедно со САД и Израел.
Еден од изворите тврди дека ракетите не биле наменети директно да ја погодат базата во Диего Гарсија, туку да демонстрираат капацитет и дострел. Според истите информации, станува збор за ракети со најдолг дострел што досега биле употребени, при што една од нив прелетала околу 4.000 километри.
Сепак, нема потврда дека ракетите ја достигнале целта. Првата била пресретната од американски воен брод, додека втората паднала во океанот по лет од околу 3.200 километри, на значителна оддалеченост од базата.























