Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со сè погласни критики од светските лидери поради планот за „преземање контрола“ врз градот Газа, јавува BBC. Протестите во Израел се интензивираат, а десетици илјади граѓани излегоа на улиците. Семејствата на заложниците што ги држи Хамас предупредуваат дека таквиот потег би можел да ги загрози животите на нивните најблиски.
Нетанјаху ги отфрли забелешките, нагласувајќи дека Израел ќе ја „ослободи Газа од Хамас“. Меѓутоа, крајно десничарскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, побара од премиерот да се откаже од планот и да понуди порадикално решение, оценувајќи дека изгубил доверба во неговата способност да донесе победа над Хамас. Италија, пак, предупреди дека операцијата би можела да се претвори во „виетнамско сценарио“ за израелската војска.
Советот за безбедност на ОН денеска во 16 часот ќе одржи итен состанок по иницијатива на сите членки, освен САД и Панама. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потегот на Израел го оцени како „опасна ескалација“, која ќе предизвика дополнителни присилни раселувања, нови жртви и продлабочување на, како што рече, „веќе катастрофалната состојба“ за милиони Палестинци.
Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, соопшти дека во последните 24 часа починале уште пет лица од неухранетост, меѓу кои две деца, со што вкупниот број жртви од глад се искачи на 217, од кои 100 деца. Експертите за глобална безбедност на храната, поддржани од ОН, минатиот месец предупредија дека во Појасот Газа се одвива „најтешкото можно сценарио на глад“.