На околу 10.000 метри над источна Полска, екипаж на НАТО извидувачки авион внимателно го следи секое можно движење во воздухот. Официри од шест земји непрекинато ги надгледуваат радарските екрани во потрага по знаци на закана од Русија.
Загриженоста се зголеми откако два руски борбени авиона влегоа во естонскиот воздушен простор и таму останаа 12 минути. НАТО веднаш подигна борбени авиони, а инцидентот предизвика стравувања дека војната во Украина може да се прелее врз земјите-членки. Дополнителна вознемиреност донесе и неодамнешното соборување на руски дронови над Полска – прв ваков случај за Алијансата.
Како одговор, започната е нова операција наречена „Eastern Sentry“, чија цел е да го зајакне источниот бедем на НАТО. Во рамки на мисијата, од бази во Германија полетуваат AWACS авиони – летечки радари што можат да следат активности во радиус од 500 километри, вклучително и делови од Белорусија и Калининград.
„Нашата задача е заканите да ги откриеме што е можно порано и да обезбедиме безбедно небо над НАТО“, изјави германскиот потполковник Мајк Белизаир.
Нов предизвик за Алијансата претставуваат дроновите, кои се евтини и тешко забележливи. Поради тоа, во Полска веќе се користат и Ф-35 авиони со ракети од висока вредност за нивно соборување, што отвора прашања за трошоците. НАТО најавува нови стратегии и поефикасни методи за одбрана од беспилотни летала.