Поранешниот командант на американската војска во Европа, генерал Бен Хоџис, предупреди дека секој руски напад врз членка на НАТО би предизвикал „моментален и разорен одговор“. Во интервју за проектот Vot Tak, тој изјави дека клучните руски воени бази во Калининград и Севастопол би биле уништени за неколку часа по почетокот на конфликтот.
„Доколку Русија во 2025 година ја нападне Полска, НАТО веднаш би реагирал – руските сили би биле елиминирани за неколку часа“, нагласи Хоџис, додавајќи дека Москва нема шанси во директен судир со Алијансата.
Генералот ја критикуваше реакцијата на Западот од 2014 година, оценувајќи дека зависноста од руските енергенси ја ослабила решителноста на западните држави, а санкциите и Минските договори биле неефикасни.
Хоџис смета дека НАТО уште во 2022 година требало јасно да го постави целосното ослободување на Украина како заедничка цел. Неговото предупредување доаѓа во момент на зголемени тензии меѓу Русија и Западот и засилени подготовки на НАТО за можен конфликт.