Најмалку шест либански војници загинаа, а повеќе се ранети во експлозија што се случи додека детонирале муниција во воено складиште во Вади Зебкин, близу градот Тир, соопштија либанските вооружени сили.
Според првичните информации, експлозијата се случила додека воена единица вршела проверки и детонација на муницијата во магацинот. Во моментов се спроведува истрага за утврдување на причините за инцидентот.
Либанската новинска агенција јавува дека муницијата била оставена по израелските напади на југот на земјата. Прекуграничните судири меѓу Израел и либанското движење Хезболах траат од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. И покрај прекинот на огнот од ноември минатата година, двете страни продолжуваат со обвинувања за прекршување на договорот.