УТРО.мк

Европа му испратила противпредлог на Трамп – Зеленски не прифаќа територијални отстапки

Европа му испратила противпредлог на Трамп – Зеленски не прифаќа територијални отстапки
Vero

Европските официјални лица во саботата, како што јави „Волстрит џурнал“, ѝ ја претставиле на американската администрација својата понуда за мир во Украина, додека претседателот Доналд Трамп се подготвуваше за разговори со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната.

Трамп најави дека на 15 август ќе се сретне со Путин во Алјаска и дека е близу до договор за прекин на конфликтот, што според него би вклучувало „одредена размена на територии“ од двете страни. Сепак, овој пристап на Трамп би значел Украина да се откаже од значителен дел од својата територија, што Киев и неговите европски сојузници го оценуваат како поттикнувач на руската агресија.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, оствари средба со украински и европски партнери во Велика Британија за да разговара за оваа иницијатива. Европските претставници понудија противпредлог во кој бараат прекин на огнот пред да се преземат какви било други чекори, а секоја размена на територии да биде реципрочна и да вклучува цврсти безбедносни гаранции.

„Не можете да започнете процес така што среде борби ќе предадете територија“, изјави еден европски преговарач.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени состанокот како конструктивен и истакна дека патот кон мирот треба да се одлучи заеднички и само заедно со Украина.

„Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“, порача Зеленски, додека францускиот претседател Емануел Макрон исто така нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите преговори, бидејќи нејзината безбедност и европската безбедност се тесно поврзани.

Последните денови Зеленски интензивно комуницира со сојузниците, откако претставникот на Трамп, Стив Виткоф, ја посети Москва, што американскиот претседател го оцени како „голем напредок“.

Зеленски повика на јасни чекори и максимална координација помеѓу Украина и нејзините партнери.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран