Најмалку 14 лица загинаа, а повеќе од сто се повредени во масовен руски воздушен напад врз Киев, кој траеше повеќе од девет часа и го погоди поголемиот дел од украинската престолнина. Станува збор за еден од најинтензивните напади од почетокот на војната.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, соопшти дека Русија лансирала вкупно 440 беспилотни летала и 32 проектили кон различни делови од земјата.
Нападот врз Киев зафатил 27 градски окрузи. Во еден од најтешко погодените случаи, балистички проектил удрил во деветкатна станбена зграда, при што има жртви и повредени, потврдија украинските власти.
„Спасувачките тимови се на терен и интензивно работат на извлекување на затрупаните под урнатините“, изјави Клименко.
Во последните недели, Русија значително ги засили воздушните напади врз украинските градови, при што честа тактика е координирано лансирање на голем број дронови за истовремено оптоварување на противвоздушната одбрана.
„Ова е чист тероризам. Путин ги изведува овие масовни напади само затоа што сè уште може да си дозволи да ја продолжува војната“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Напади со дронови се регистрирани и во Одеса, каде што, според првичните информации, загинало едно лице.