Повеќе од 900 туристи останаа заглавени во градот Агуас Калиентес, во близина на Мачу Пикчу, откако протестите на локалното население го прекинаа железничкиот и автобускитe линии во регионот Куско, јавуваат перуанските медиуми.
Министерот за туризам, Десилу Леон, соопшти дека во понеделникот биле евакуирани околу 1.400 туристи, но приближно 900 сè уште се блокирани. Протестите избувнаа поради истекот на концесијата на компанијата „Консетур“, која управуваше со автобускиот превоз до археолошкото светилиште, отворајќи пат за нови локални оператори.
Демонстрантите тврдат дека процесот на избор на нов оператор е нетранспарентен и неправеден, а во знак на револт блокираа дел од железничката рута и патиштата кон тврдината. Локалната филијала на „ПеруРејл“ потврди дека протестите ја отежнуваат евакуацијата на странските посетители.
Здружението на хотелски, угостителски и туристички бизниси на Перу ја обвини за кризата општината Урубамба и побара итна интервенција од Владата. Претставниците на туристичкиот сектор предупредија дека 60% од економијата на Куско зависи од туризмот и дека ваквите кризи носат сериозни последици за илјадници семејства.
Синдикатите предложија Мачу Пикчу да добие статус на клучен национален имот со цел да се заштити неговата инфраструктура и да се обезбеди непрекинато функционирање. Тие, исто така, побараа формирање ново тело за управување кое би гарантирало зачувување на културното наследство и одржлив развој на туризмот.