Трамп: Позитивен сигнал од Хамас, можно примирје следната недела
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е охрабрувачки фактот што палестинската група Хамас одговорила „во позитивен дух“ на предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, изработен со посредство на САД.
Во изјава дадена пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, Трамп посочи дека постои можност договорот за примирје да биде постигнат веќе следната недела, но истакна дека во моментот нема точни информации за актуелниот статус на преговорите, пренесе Ројтерс.
Хамас вчера соопшти дека на посредниците им предал позитивен одговор на предложениот план за прекин на огнот, кој предвидува двомесечно примирје. Предлогот е изготвен со посредничка улога на САД, а, според Ал Џезира, целта е да се стави крај на тековните судири и да се отвори простор за политичко решение.