
Москва повторно ја крена температурата на војната, откако руската армија соопшти дека за време на масовен ноќен напад кон Украина ја лансирала својата најнова хиперсонична ракета „Орешник“. Информацијата ја пренесе „Гардијан“, а украинските власти потврдија дека ударот се случил на западот од земјата, опасно блиску до границата со Европската Унија.
Кремљ тврди дека станува збор за одмазднички потег по наводен украински обид со беспилотни летала да биде нападната резиденцијата на Владимир Путин кон крајот на минатиот месец. Киев и Вашингтон остро ги негираат тие обвинувања, оценувајќи ги како целосно измислени.
Украинскиот министер за надворешни работи предупреди дека употребата на ракета со среден дострел толку блиску до ЕУ и НАТО претставува „сериозна закана за европската безбедност“ и повика на засилен меѓународен притисок врз Москва. Украинската влада, во исто време, ги отфрли руските оправдувања за нападот како „апсурдни“.
Од теренот стигнаа и информации за материјална штета. Гувернерот на регионот Лавов соопшти дека е погоден објект од критичната инфраструктура, додека на социјалните мрежи кружат непотврдени тврдења дека станува збор за големо подземно складиште за гас.
„Орешник“, ракета именувана по рускиот збор за лешник, првпат беше употребена во ноември 2024 година, кога Русија тврдеше дека погодила украински воено-индустриски капацитет. Тогаш, украински функционери и независни аналитичари оценија дека ракетата носела инертни, односно лажни боеви глави и предизвикала минимална штета.
И овојпат, првичните проценки укажуваат дека „Орешник“ веројатно повторно бил опремен со неексплозивни боеви глави, што сугерира дека нападот имал пред сè демонстративен и политички карактер. Лансирањето доаѓа само неколку дена откако европските сојузници на Украина објавија напредок во договорите за идни безбедносни гаранции по евентуален прекин на огнот.
Во последните месеци, Путин редовно ја користи ракетата „Орешник“ како средство за заплашување, предупредувајќи дека може да биде насочена и кон западни држави кои ја снабдуваат Украина со оружје со подолг дострел. Рускиот претседател тврди дека ракетата е практично невозможна за пресретнување, поради брзината која, според него, надминува десет пати поголема од брзината на звукот, и дека нејзината разорна моќ е споредлива со нуклеарно оружје дури и со конвенционална боева глава.
Западните воени експерти, сепак, гледаат со голема доза скептицизам на овие тврдења, иако признаваат дека Украина во моментов не располага со системи за противвоздушна одбрана способни да ја пресретнат ваква ракета.
Паралелно со ударот на западот од земјата, руските сили извршија ноќни напади и врз Киев. Според шефот на воената администрација на главниот град, Тимур Ткаченко, најмалку едно лице загинало, а петмина спасувачи биле повредени додека интервенирале на погодените локации. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека по нападите половина од станбените блокови во Киев останале без греење.



























