
Европската Унија повторно црта нови линии меѓу кандидатите за членство, и овојпат Балканот останува на споредниот колосек. Додека за Украина се отвора врата кон институциите на Унијата преку специјален „придружен“ статус, земјите од Западен Балкан би можеле да добијат далеку поскромна улога: присуство без влијание, место во салата, но не и на масата каде што се носат одлуките.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц испратил иницијатива до врвот на ЕУ со која бара Брисел итно да најде „иновативни решенија“ за интеграцијата на Украина. Неговиот предлог предвидува Киев уште пред полноправното членство да стане дел од европската политичка архитектура, со пристап до состаноците на Европскиот совет, министерските формати и дури можност да има свој комесар без ресор. Украинските претставници би учествувале во дебатите и институционалниот живот на Унијата, иако без формално право на глас.
Во суштина, Берлин предлага Украина политички да биде внесена во срцето на ЕУ уште сега, додека долгиот и тежок процес на реформи би продолжил паралелно.
Но, додека Киев би добил привилегиран третман, за Западен Балкан се разгледува сосема поинаков модел. Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, како и Молдавија, според идеите што кружат во Брисел, би останале во категорија на набљудувачи: држави што можат да присуствуваат, да слушаат и делумно да учествуваат, но без реална политичка моќ.
Таквиот статус би можел да донесе поширок пристап до европските програми, одредени сегменти од единствениот пазар и учество на заеднички седници на институциите на ЕУ. Сепак, суштинската разлика е огромна: Украина би добила политички видлива интеграција, додека Балканот би останал во чекалницата, со уште една „привремена“ формула.
Предлогот веќе предизвикува незадоволство кај дел од европските држави што традиционално го поддржуваат проширувањето кон регионот. Во дипломатските кругови на групата „Пријатели на Западен Балкан“ расте стравувањето дека ЕУ создава нова хиерархија на кандидати, во која геополитичката важност станува поважна од официјалните критериуми за членство.
Критичарите предупредуваат дека ваквиот пристап може дополнително да го продлабочи разочарувањето во регионот, кој со години слуша ветувања за европска перспектива, додека процесот постојано се одложува. За многумина на Балканот, идејата Украина експресно да се внесе во институционалниот систем на ЕУ, а регионот повторно да остане на маргините, е сигнал дека правилата повеќе не важат еднакво за сите.
Во тој контекст, претстојниот самит за Западен Балкан во Црна Гора ќе биде важен тест за европската политика на проширување.
















