
Русија располага со воен потенцијал со кој може да го нападне Киев и главните објекти на НАТО, при што би можело да следи целосно уништување, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, во интервју за „Ведомости“.
Медведев порача дека рускиот воен потенцијал овозможува напади врз Киев и клучни објекти на НАТО, при што употреби и директна нуклеарна реторика.
Тој предупреди дека евентуалното активирање на такво сценарио би претставувало „точка на апсолутен поврат“ не само за учесниците во конфликтот, туку и за целата планета.
Според Медведев, Москва е свесна за одговорноста што ја има кон човештвото и се обидува да спречи глобална катастрофа, но истовремено нагласи дека руското трпение не е неограничено.
Зборувајќи за можноста за употреба на нуклеарно оружје, тој рече дека тоа е реална опција во одредени ситуации и дека е предвидена со руската нуклеарна доктрина.
Медведев посочи дека агресија врз Русија или Белорусија од страна на ненуклеарна држава, доколку зад неа стои или учествува нуклеарна сила, според руското гледиште може да се смета за заеднички напад врз двете земји.
„Имаме целосно право да дадеме одговор на критична закана за нашиот суверенитет. Конечната одлука ја носи шефот на државата“, изјави Медведев.
Тој го обвини „колективниот Запад“ дека со континуираната поддршка за Украина намерно го доведува светот во близина на нуклеарна конфронтација.
Како примери ги наведе украинските дејствија во Курската област, нападите поврзани со Запорожската нуклеарна електрана и нападите врз руски градови. Според него, станува збор за дејствија кои, доколку продолжат да ескалираат, би можеле да доведат до поширок конфликт и Трета светска војна.
Медведев сепак додаде дека употребата на нуклеарното оружје ја смета за крајна опција, која би дошла предвид само доколку сите други средства повеќе не дадат резултат.

















