
Голема меѓународна полициска операција открила една од најсофистицираните финансиски мрежи поврзани со глобалниот нарко-криминал. Организацијата позната како „Дубаи Банка“ е осомничена дека со години овозможувала трансфер и перење огромни суми пари заработени од трговија со дрога.
Во акцијата, предводена од Шпанската национална полиција со поддршка на Европол, се уапсени 21 лице. Осомничените се товарат за организиран криминал, трговија со дрога и перење пари.
Во Шпанија биле уапсени 15 лица, додека биле издадени и 19 меѓународни потерници. Шест од нив веќе се реализирани – четири лица биле уапсени во Обединетите Арапски Емирати, а по едно во Египет и Холандија.
Меѓу уапсените е и, како што наведува Европол, високорангирана фигура за која се сомнева дека била еден од главните финансиери на големи наркооперации во различни делови од светот.
<strong>Запленети милиони евра и луксузен имот</strong>
Во текот на операцијата полицијата блокирала и запленила имот и финансиски средства со вкупна вредност од околу 20 милиони евра.
Запленети се 48 недвижности вредни повеќе од 14 милиони евра, меѓу кои и луксузни вили на Ибица. Одземени се и луксузни автомобили вредни над 1,6 милиони евра, како и 121 банкарска сметка. На дел од сметките биле блокирани околу 2,3 милиони евра.
<strong>Сè започнало со заплена на кокаин</strong>
Истрагата, со кодно име „DRAKKAR“, започнала во февруари 2021 година по заплена на голема количина кокаин.
Шпанската полиција пресретнала брод и пронашла 1.835 килограми кокаин, при што биле уапсени девет членови на екипажот.
Бродот бил одвлечен до пристаништето во Хихон, но потоа потонал откако капетанот намерно го оштетил трупот.
Истражителите подоцна откриле дека во бродот имало уште 1.650 килограми кокаин. Според истрагата, криминалците успеале да стигнат до потонатиот брод и да ја извлечат скриената дрога, која требало да биде пренесена со брзи чамци до шпанскиот брег.
Токму следењето на парите од оваа пратка ги одвело истражителите до финансиската мрежа позната како „Дубаи Банка“.
<strong>Како функционирала мрежата?</strong>
Наместо физички да пренесуваат огромни суми преку границите, криминалците користеле мрежа на посредници и интерни системи за книжење, преку кои парите се префрлале меѓу различни земји.
За услугата се наплаќале високи провизии, а трансферите биле организирани така што вистинскиот тек на парите тешко можел да се следи.
Особено необичен бил системот за подигнување на готовината. Серискиот број на одредена банкнота служел како своевиден код за автентикација. Лицето кое го поседувало точниот број можело да ги преземе парите, без потреба од класичен трансфер преку банка.
Во истрагата, покрај шпанските власти и Европол, учествувале и полициските служби на Холандија и Шведска, како и американската Агенција за борба против дрога (DEA).
Акцијата претставува сериозен удар врз финансиската инфраструктура која, според истражителите, им овозможувала на криминалните организации брзо да ги префрлаат и прикриваат приходите од глобалната трговија со дрога.

















