Францускиот претседател Емануел Макрон изрази длабока загриженост поради можноста Иран да се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, оценувајќи го тој чекор како „најлошото можно сценарио“, особено по американските напади врз иранските нуклеарни објекти.
„Ќе разговарам со лидерите на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, вклучително и со американскиот претседател Доналд Трамп, со надеж дека ќе постигнеме заеднички став. Целта е јасна – да се спречи Техеран од натамошно ширење на нуклеарно оружје“, изјави Макрон за BFM.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Појасот Газа, францускиот претседател изрази уверување дека Трамп е свесен за значењето на прекинот на огнот. Тој додаде дека повторно ќе се активира иницијативата за одржување конференција под покровителство на ОН за решението за две држави, која претходно беше одложена поради воениот судир меѓу Израел и Иран.
„Во наредните денови ќе се сретнам со саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман, кој ќе биде копретседавач на конференцијата заедно со Франција. Целта ни е да се договориме за точен датум, и се надевам дека ќе можеме да ја организираме во јули“, изјави Макрон.
Француските медиуми веќе објавија дека Макрон сериозно размислува и за можноста Франција официјално да ја признае палестинската држава.