УТРО.мк

Макрон го најави признавањето на Палестина – славје во Рамала, бес во Тел Авив

Макрон го најави признавањето на Палестина – славје во Рамала, бес во Тел Авив
Vero

Францускиот претседател Емануел Макрон објави дека Франција ќе ја признае Државата Палестина на претстојното Генерално собрание на Обединетите нации во септември во Њујорк. Објавата, која ја сподели на своите профили на социјалните мрежи, предизвика бран од реакции – еуфорија кај Палестинците, но и остри критики од израелска страна.

„Верни на нашата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, решив Франција да ја признае Државата Палестина. Официјалната изјава ќе ја дадам во септември на Генералното собрание на ОН“, напиша Макрон.

Францускиот лидер посочи дека најитната потреба денес е „прекин на војната во Газа и спасување на цивилното население“. Тој додаде дека изградбата на палестинска држава мора да оди рака под рака со гаранции за нејзина одржливост, демилитаризација и целосно признавање на Израел.

Писмото што Макрон му го испратил на палестинскиот претседател Махмуд Абас содржи уверување дека Франција со овој чекор сака да даде „решавачки придонес за мирот на Блискиот Исток“ и ќе ги мобилизира сите свои меѓународни партнери кои сакаат да учествуваат во тој процес.

Потпретседателот на Палестинската ослободителна организација, Хусеин ал-Шеик, изрази благодарност и ја нарече одлуката „израз на француска посветеност на меѓународното право и на правото на палестинскиот народ на самоопределување“.

Израелскиот заменик-премиер Јарив Левин, пак, остро ја осуди најавата на Макрон, нарекувајќи ја „црна дамка во историјата на Франција“ и „директно охрабрување на тероризмот“.

Досега, според податоците на AFP, најмалку 142 држави во светот ја признале Државата Палестина. САД и Израел и понатаму цврсто се спротивставуваат на ваков потег.

Во мај 2024 година, Ирска, Шпанија и Норвешка го направија истиот чекор, а подоцна им се придружи и Словенија. Сепак, земјите од Европската унија остануваат поделени – Германија смета дека признавањето на Палестина во овој момент би пратило „погрешен сигнал“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран