Жестока тепачка се случила во саботата во виенскиот кварт Флоридсдорф, кога банален спор околу канта за ѓубре прераснал во насилен инцидент со тројца повредени. Според австрискиот портал VOL, полицијата уапсила 48-годишен Австриец, кој бил „камен пијан“ со 3,28 промили алкохол во крвта.
Инцидентот започнал околу 15 часот, кога 44-годишен маж од македонско потекло излегол да го фрли ѓубрето. Во тој момент, неговиот сосед, видно пијан, без причина го нападнал — го соборил на земја, го удирал, го задавил и го фрлил во ѕид.
Во обид да му помогне, сопругата на нападнатиот се вмешала, но насилниот сосед ја удрил во лицето и им се заканил со нож. Вресоците го разбудиле нивниот 19-годишен син, кој, обидувајќи се да ги заштити родителите, зел палка и метална боксерска ракавица и го нападнал соседот.
Полицијата брзо интервенирала и ја смирила ситуацијата. Повредените сопружници се хоспитализирани, а напаѓачот, кој продолжил да им се заканува и на полицајците, бил уапсен и однесен во болница со повреди на раката.
Против 48-годишниот Австриец е издадена забрана за приближување, а против 19-годишниот син на нападнатиот Македонец е поднесена пријава за напад, бидејќи употребил палка и метална боксерска ракавица.