Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека доколку САД испратат ракети со долг дострел во Украина, тоа ќе значи целосно уништување на односите меѓу Москва и Вашингтон.
Во интервју за весникот „Комерсант“, Лавров изјави дека самитот одржан на 15 август во Алјаска меѓу претставници на Русија и САД не претставувал дипломатски пробив, туку обид за воспоставување меѓусебно разбирање за начините на кои би можел да се реши конфликтот во Украина.
„Постигнавме одредено концептуално разбирање“, изјави Лавров, додавајќи дека Европската Унија прави сè за да го забави или промени курсот на Вашингтон во однос на ова прашање.
Според него, руска страна јасно објаснила како го гледа процесот на решавање на кризата, додека, како што рече, претседателот Трамп побарал време за консултации со своите сојузници, кои, пак, вршат силен притисок за одложување на секој конкретен чекор.
Лавров оцени дека европските земји и властите во Киев се обидуваат конфликтот да го претстават како личен судир меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, што, според него, не одговара на вистината.
„Европа сака оваа ‘војна на Трамп’ да започне што е можно побрзо“, рече тој, нагласувајќи дека тимот на Трамп е единствениот на Западот кој е подготвен да разговара за суштинските причини за конфликтот — како што се прашањето за проширувањето на НАТО и положбата на населението во регионите што историски ги развила Русија.
Рускиот министер додаде дека Москва жали поради дрските ултиматуми што доаѓаат од Киев и некои европски престолнини, оценувајќи дека таквата реторика ја поткопува секоја можност за мирно решение на конфликтот.