Италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Крозето, изјави дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток мора итно да биде сопрена, но предупреди дека Израел ќе биде невозможно да се задржи доколку Иран не се откаже од својата нуклеарна програма.
„Од една страна, неопходно е да се запре иранското збогатување на ураниум и да се спречи Иран да располага со нуклеарна бомба, а од друга страна, Израел мора да ги прекине нападите во замена за цврсти гаранции дека Техеран ќе се откаже од атомското оружје“, изјави Крозето во интервју за емисијата Tg1 на италијанската национална телевизија RAI.
Тој истакна дека доколку не се постигне ваков договор, ќе биде невозможно за целата меѓународна заедница да го запре Израел, со оглед на тоа што таа држава го смета иранското откажување од нуклеарната програма како предуслов за сопствениот опстанок.
„Процесот на збогатување ураниум во Иран е речиси во финална фаза, и токму тоа доведе до судирот што со години се најавуваше“, додаде Крозето, пренесе новинската агенција Nova.