Корупциската афера во енергетскиот сектор на Украина сериозно ја нарушува поддршката за претседателот Володимир Зеленски и внатре во земјата и на меѓународен план, објави „Њујорк тајмс“. Според весникот, истрагата што допре до најтесниот круг соработници на Зеленски го разнишува неговиот имиџ на лидер кој ќе се пресмета со олигарсите – ветување што беше темел на неговата изборна кампања.
По речиси седум години на власт, дел од украинската јавност смета дека претседателот работи во „мал, затворен круг, неограничен од правила“, што дополнително ја поттикнува недовербата.
На 10 ноември, Националното биро за борба против корупција (НАБУ) и Специјализираното обвинителство (САП) ја спроведоа операцијата „Мидас“, насочена кон откривање корупциска шема во енергетскиот сектор. Претреси беа извршени во домовите на бизнисменот Миндич, познат како „паричникот“ на Зеленски, кај поранешниот министер за енергетика и актуелен министер за правда Герман Галушченко, како и во државната компанија „Енергоатом“.
Подоцна беа објавени снимки од разговори поврзани со случајот, но без јавно откривање на имињата на вклучените. Во меѓувреме, пратеници од Врховната рада побараа оставка од началникот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.
Клучните фигури во аферата се осомничени за перење пари, а според првичните процени преку шемата биле испрани околу 100 милиони долари.
Во реакција на скандалот, премиерката Јулија Свириденко најави ревизија на сите државни компании, со посебен акцент на оние во енергетскиот сектор.























