
Морските води околу Бахамите, долго време сметани за идилична и недопрена зона, покажуваат знак дека не постојат повеќе места каде дивите животни можат да избегнат човечко влијание. Во нова студија, истражувачи од Бразил, Чиле и Бахамите откриле дека крвта на ајкули уловени во овие води содржи траги од кокаин, лекови против болка и дури и кофеин, супстанции што укажуваат на се повеќе очигледен проблем со морското загадување.
Од 85 анализирани примероци, кај 28 ајкули биле откриени различни дроги и лекови. Научниците веруваат дека ајкулите и други морски организми несвесно доаѓаат во контакт со токсини што се шират преку отпадните води од урбаниот развој и туристичките активности. „Тие гризат сè што им е интересно, па можеби така доаѓаат во контакт и со пакети кокаин фрлени во морето“, објаснува биологинката Наташа Восник од Федералниот универзитет Парана во Бразил.
Најчесто откриена супстанција била кофеин, додека две ајкули покажале присуство на кокаин. Во примероците биле идентификувани и два лекови против болка, ацетаминофен и диклофенак. За првпат се потврдува дека кофеин е присутен кај ајкули, додека присуството на кокаин е новост за организмите во овој регион.
Студијата посочува дека ваквите загадувачи не го загрозуваат само морскиот живот, туку и човечкото здравје, преку консумација на морска храна и контакт со вода за време на рекреативни активности. Подобрувањето на управувањето со отпадните води од туристичките бродови и брзата урбанизација станува итна потреба за заштита на овие ранливи екосистеми.
Долгорочното влијание на дрогите и лековите врз ајкулите сè уште не е целосно разбрано, но истражувачите забележуваат знаци на зголемен стрес и поголема потрошувачка на енергија, што организмот го користи за елиминирање на токсините. Сè повеќе студии, од Арктикот до брегот на Бразил, укажуваат дека океаните се претвораат во огромни депонии за течен отпад – и ајкулите сè почесто се непожелни сведоци на оваа човечка штета.























