
Белгискиот премиер Барт Де Вевер денеска, 2 ноември, поднел оставка до кралот Филип, откако петте партии во владејачката коалиција не постигнале договор за буџетот за 2027 година, според извештајот на „Ројтерс“, кој се повикува на белгиски медиуми.
Во центарот на несогласувањата е пакет мерки вреден 10 милијарди евра, со кој треба да се стабилизираат државните финансии преку намалување на јавните расходи и зголемување на одредени даноци.
Коалициските партнери се поделени околу тоа кој треба да го понесе товарот на буџетското приспособување. Според пренесените информации, Н-ВА и либералната МР бараат кратење на трошоците, вклучително и во здравството, додека социјалистичките и центристичките партнери се залагаат за повисоки даноци за побогатите граѓани.
Преговорите траат со месеци, во услови на висок јавен долг и буџетски дефицит. Политичката неизвесност, според извештајот, ја зголемува и загриженоста на финансиските пазари.
Поднесувањето оставка не значи дека таа веќе е прифатена. Според белгиските медиуми, кралот Филип би можел да му даде дополнително време на Де Вевер за да се обиде да обезбеди договор меѓу коалициските партии.
Доколку оставката биде прифатена, меѓу можните исходи се преговори за нова владина коалиција или предвремени избори.























