
Во време на растечка глобална неизвесност и нарушен меѓународен баланс, Си Џинпинг и Педро Санчез дојдоа до заклучок дека Кина и Шпанија имаат намера да ги зацврстат односите и да преземат поактивна улога во зачувувањето на мирот и глобалниот развој.
Средбата доаѓа во чувствителен геополитички момент, кога западните земји внимателно го балансираат односот со Пекинг, обидувајќи се да одржат соработка и покрај долгогодишните економски и безбедносни несогласувања. Во позадина на оваа динамика стои и растечкото незадоволство од политиките на Доналд Трамп, што дополнително ја комплицира трансатлантската координација, пренесува Reuters.
Си отворено предупреди дека светскиот поредок се наоѓа во фаза на распаѓање, нагласувајќи дека токму затоа е потребна поголема меѓусебна доверба и засилена комуникација. Според него, заедничката заложба за почитување на меѓународното право и вистински мултилатерализам е клучна за стабилноста.
Од друга страна, Санчез укажа дека глобалните правила сè почесто се игнорираат, повикувајќи на поцврсто партнерство не само меѓу Мадрид и Пекинг, туку и помеѓу Кина и Европската Унија. Тој потенцираше дека ваквата соработка е неопходна за справување со предизвиците како климатските промени, безбедносните ризици и растечката нееднаквост.























