
Канадскиот премиер, Марк Карни од Ерменија испрати порака дека иднината на меѓународниот поредок не мора да се движи кон нестабилност и „брутална логика“ на голата моќ, туку дека токму Европа може да стане клучна точка од која ќе започне неговото обновување.
Тој говореше на состанокот на Европската политичка заедница во Ереван, каде што за првпат учествуваше и лидер од Канада. Настанот се одржува во чувствителен геополитички момент, обележан со тензии околу Ормутскиот теснец и сè поголеми прашања за идната улога на САД во рамки на НАТО.
Карни во своето обраќање ја критикуваше насоката во која, според него, се движи дел од глобалниот систем, предупредувајќи дека трговијата и меѓународните односи сè почесто се сведуваат на интереси без јасни ограничувања и вредносни рамки. Таквиот пристап, рече тој, не смее да стане новата норма.
Во еден од поконкретните делови од говорот, канадскиот премиер истакна дека верува оти светот влегува во период на длабоки промени, при што традиционалните центри на моќ веќе не се единствените носители на стабилност. Според него, токму Европа со своите институции и вредносни принципи може да одигра водечка улога во редефинирање на глобалните правила.
Тој додаде и дека учеството на вакви форуми не е само политички симбол, туку и доказ дека постои волја за заедничко делување во одбрана на меѓународен поредок заснован на правила, а не на сила.
Во завршниот дел од пораката, Карни предупреди дека светот се наоѓа на крстопат: додека некои актери ги користат процесите на глобална поврзаност како средство за влијание и притисок, меѓународните правила сè почесто се доведуваат во прашање од страна на големите сили.























