Израелскиот министер за финансии од крајната десница, Безалел Смотрич, преку ноќ одобри план за одвојување на Источен Ерусалим од окупираниот Западен Брег, чекор кој, според неговиот кабинет, би ја уништил можноста за формирање палестинска држава.
Планот подразбира оживување на долго замрзнатиот проект Е1, кој предвидува изградба на 3.401 куќа за израелски доселеници помеѓу постоечко населено место на Западниот Брег и Ерусалим. Меѓународната заедница, вклучувајќи ги САД и европските сојузници, одамна предупредува дека проектот би ја пресекол територијата на Западниот Брег и би го оневозможил мировното решение со две држави.
Организацијата Peace Now, која ги следи израелските активности за населување, предупреди дека планот е „смртоносен за иднината на Израел и за секоја шанса за мир“. Според нив, Министерството за домување веќе одобрило изградба на 3.300 домови во населбата Маале Адумим, која проектот Е1 треба да ја поврзе со Ерусалим.
Проектот сè уште треба да помине низ неколку инстанци, вклучително и одобрување од Израелскиот високиот совет за планирање. Доколку процесот се одвива без пречки, инфраструктурните работи би можеле да започнат за неколку месеци, а изградбата на куќите за околу една година.
Повеќето земји ја сметаат израелската окупација на Западниот Брег од 1967 година и изградбата на населби за нелегални според меѓународното право. Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд во јуни воведоа санкции против Смотрич и уште еден министер од крајната десница, обвинувајќи ги за поттикнување насилство врз Палестинците.
Критичарите нагласуваат дека овој потег не само што ќе го изолира Источен Ерусалим – кој Палестинците го гледаат како своја идна престолнина – туку и трајно ќе ја онеспособи можноста за создавање целосна палестинска држава.