
Неименуван израелски безбедносен извор изнесе тврдења дека врховниот верски водач на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во моментов не се наоѓа на територијата на Иран. Информацијата ја објави саудиската државна телевизија „Ал-Хадат“, повикувајќи се на извор од израелските безбедносни структури.
Според истиот извор, Хамнеи, кој беше назначен за врховен верски водач по смртта на неговиот татко во нападите меѓу САД и Израел на 28 февруари, досега не се појавил во јавноста и комуницирал исклучиво преку писмени соопштенија.
Израелскиот извор тврди и дека дел од пораките што се објавуваат во негово име ги подготвуваат новиот командант на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), Ахмад Вахиди, како и други високи претставници на оваа воена формација.
Во изјавата се наведува и дека во Иран постојат сериозни внатрешни поделби кои, според тврдењата на изворот, претставуваат закана за стабилноста на ИРГЦ.
Дополнително, изворот посочил дека САД не сакаат Израел да учествува во евентуални нови напади врз Иран, дури и во случај Техеран директно да ја нападне израелската држава.

















