
Американскиот претседател Доналд Трамп беше во центарот на вниманието за време на церемонијата на доделување на медалите по финалето на Светското фудбалско првенство, откако на шампионите од Шпанија им ги врачи трофејот и признанијата.
Покрај Трамп, на теренот беа присутни и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, канадскиот премиер Марк Карни и мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум.
Најголемо внимание привлече интеракцијата на американскиот претседател со фудбалерите. Според експертката за читање од усни Николa Хикинг од компанијата LipReader Ltd, Трамп немал различна порака за секој играч, туку на сите им ја повторувал истата реченица додека им ги ставал медалите.
Како што наведува таа, Трамп на секој фудбалер му кажувал: „Ти си шампион“, а потоа додавал: „Неверојатен играч“.
Церемонијата не помина без реакции од публиката, бидејќи од трибините се слушале свирежи упатени кон американскиот претседател при неговото појавување на теренот.
Камерите го снимија Трамп како заедно со Инфантино го држи трофејот за време на доделувањето на пехарот на шпанската репрезентација. По подигнувањето на трофејот, тој останал на средината на сцената, насмеан и со кренат палец, наместо да се повлече и да им го препушти целосно моментот на фудбалерите.
Во еден момент Трамп беше снимен и како со еден од шпанските играчи го изведува својот препознатлив гест со рацете. Дури откако Инфантино му покажал да се помести, американскиот претседател го напуштил централниот дел од подиумот.

















