
Војната на Блискиот Исток добива и опасна дигитална димензија. Додека веќе трета недела трае отворениот конфликт меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга, се појавуваат сериозни предупредувања дека Техеран би можел да посегне и по подморската комуникациска инфраструктура во Персискиот Залив и поширокиот регион.
Во фокусот се подморските интернет кабли што минуваат низ Ормускиот теснец и Црвеното Море – два од најчувствителните коридори за глобалната трговија, енергетика и дигитална комуникација. Според објавата што се шири на социјалните мрежи, евентуален удар врз тие кабли би можел да погоди околу 17% од светскиот интернет сообраќај, вклучително и врските кон технолошките и AI центри во Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Иако често се мисли дека интернетот функционира преку сателити, повеќе од 95% од глобалниот интернет сообраќај всушност минува преку подморски оптички кабли поставени на дното на океаните и морињата.
За ова тврдење засега нема официјална потврда од државни институции, но стравувањата се вклопуваат во поширокиот контекст на војната и заканите кон стратешката инфраструктура во регионот.
Ризикот не е мал, затоа што подморските кабли се невидливиот ‘рбет на современиот интернет. Преку нив поминува најголемиот дел од глобалниот дигитален сообраќај, а секое сериозно оштетување може да предизвика долги прекини, забавување на мрежите, проблеми во банкарскиот сектор, во облачните сервиси и во меѓународната комуникација.
Воената состојба во регионот веќе има драматични последици и врз поморскиот сообраќај. Според повеќе извештаи, Иран го прогласил Ормускиот теснец за затворен за непријателски или сојузнички држави, а бродскиот сообраќај е сериозно нарушен. Само 47 бродови поминале низ теснецот меѓу 2 и 14 март, додека САД сè уште не обезбедуваат редовни поморски придружби поради висок ризик од напади.
Покрај заканата за интернетот, Ормускиот теснец е и клучна артерија за светската енергетика. Низ него вообичаено минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас, а војната веќе предизвика силен раст на цените на нафтата и големи нарушувања во извозот од Заливот.
Експертите предупредуваат дека евентуален напад врз подморските кабли би значел отворање на нов фронт – не само во класична воена смисла, туку и во сајбер и комуникациска смисла. Поправката на такви кабли е долга и сложена, особено ако се одвива во зона на активна војна.























