
Иран ќе возврати со напади врз американските воени бази на Блискиот исток доколку Соединетите Американски Држави извршат напад, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, нагласувајќи дека таквите акции нема да се сметаат за напади врз земјите домаќини на тие бази.
Во интервју за катарската телевизија „Ал Џазира“, Аракчи рече дека Иран нема намера да ги таргетира соседните држави, туку исклучиво американските воени објекти што се наоѓаат на нивна територија. „Постои јасна разлика меѓу напад врз база и напад врз држава“, истакна тој.
Изјавата доаѓа во период кога Техеран и Вашингтон најавија продолжување на индиректните преговори за иранската нуклеарна програма во Оман, кои двете страни ги оценија како позитивни. Иако датумот за следната рунда сè уште не е утврден, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека разговорите би можеле да продолжат веќе на почетокот на следната недела.
Аракчи, сепак, нагласи дека Иран е подготвен да разговара исклучиво за нуклеарното прашање и дека нема да прифати проширување на преговорите на други теми. Тој порача дека секој дијалог мора да се води без закани и притисоци.
САД минатата година бомбардираа ирански нуклеарни постројки, приклучувајќи се кон израелската офанзива, по што Иран соопшти дека ги запрел активностите за обогатување ураниум. Како одговор, Техеран изведе ракетен напад врз американска база во Катар.























