
Иран изврши ракетен напад насочен кон стратешката воена база Диего Гарсија во Индискиот Океан – една од најважните бази на САД и Велика Британија, оддалечена околу 4.000 километри од иранска територија.
Според меѓународните извештаи, биле лансирани најмалку две балистички ракети со среден дострел, што претставува сериозна ескалација и проширување на конфликтот надвор од Блискиот Исток.
Сепак, нападот не ја погодил целта. Една од ракетите откажала за време на летот, додека втората била пресретната или таргетирана од американски воен брод со систем за противракетна одбрана.
Базата Диего Гарсија има огромно стратешко значење – од неа се лансираат бомбардери, се координираат операции во регионот и се контролираат клучни поморски рути во Индискиот Океан.
Она што ја прави ситуацијата уште посериозна е фактот што овој напад покажува дека Иран потенцијално располага со капацитет да погоди цели на многу поголема далечина отколку што претходно се сметаше.
Експертите оценуваат дека иако нападот не бил успешен, самиот обид претставува јасна порака за проширување на конфликтот во нов географски правец, што може да има сериозни последици за глобалната безбедност.























