
Иранскиот Врховен совет за национална безбедност рано утрово потврди дека во петок ќе започнат директни преговори со САД во Исламабад, со посредство на Пакистан, што ќе означи привремена, ограничена пауза во непријателствата, пренесува Анадолија. Договорот за преговори доаѓа откако Техеран соопшти дека ги остварил своите клучни стратешки цели на бојното поле.
Во официјалното соопштение, советот нагласи дека оваа иницијатива не значи крај на војната, туку отстапка која зависи од исполнувањето на условите поставени од Иран. Секое трајно прекинување на огнот, стои натаму, ќе биде можно само ако Техеран ги види исполнети своите „целни стандарди“ и деталите за таканаречена „победа“ се финализираат.
Иран, како што беше наведено, ја доставил својата верзија на мировен план од десет точки, кој меѓу другото бара: гаранции за спречување идни напади, укинување на сите примарни и секундарни санкции, финансиска компензација, повлекување на американските сили од регионот, и конкретни договори околу Ормускиот теснец.
Советот посочи дека за време на двете недели траење на прекинот на непријателствата ќе биде обезбедено безбедно минување низ критичниот воден пат, во координација со иранските вооружени сили, при што Техеран ќе ја задржи контролната улога над транзитот.
Иако преговорите сега добија конкретен датум и место, иранските власти јасно истакнуваат дека се водат со „апсолутна недоверба“ кон Вашингтон. Во соопштението беше нагласено дека иранските сили остануваат на висока готовност и дека „рачките остануваат на чкрапалото“ , доколку критериумите не бидат исполнети, можат веднаш да одговорат.
Советот повика на широко национално единство додека траат разговорите и го опиша дипломатскиот напор како продолжение на бојното поле — битка во друга форма.























