
Со низа активности и пораки за единство, Општина Прилеп го започна одбележувањето на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Градоначалникот Дејан Проданоски упати честитка до припадниците на ромската заедница, истакнувајќи дека тие се нераскинлив дел од општеството и важен сегмент во градењето на заедница заснована на почит, разбирање и еднаквост.
„Нашата определба е јасна – Прилеп да биде град на рамноправни граѓани, каде секој има можност да напредува и да придонесува“, нагласи Проданоски.
Тој посочи дека локалната самоуправа активно работи на подобрување на условите за живот, со посебен фокус на образованието, инклузијата и социјално-економската состојба на ромската заедница. Во таа насока, реализирани се повеќе проекти, особено во населбата Тризла, преку соработка со домашни и меѓународни партнери.
Како дел од идните активности, најавена е изработка на четири детални урбанистички планови за овој дел од градот, од кои два веќе се во тек. Дополнително, планирано е асфалтирање на околу четири километри улици, како и аплицирање на програми за обезбедување поголема поддршка за ромската заедница.
Општината континуирано инвестира и во водоводната и канализациската мрежа, уличното осветлување, како и во културниот и општествениот живот. Посебен акцент се става на интеграцијата на ромските деца во образовниот процес и нивната поголема вклученост во сите сфери на општеството.
Во чест на празникот, ромското знаме ќе се вее пред зградата на Општина Прилеп, како симбол на почит и заедништво.
Градоначалникот ги покани граѓаните да присуствуваат на културно-уметничката програма што ќе се одржи денеска во 17 часот во Домот на културата „Марко Цепенков“, каде заеднички ќе се одбележи значењето на овој ден.























