
Извор: Forbes.hr
Глобалниот пазар на злато се наоѓа во ретка турбуленција, поттикната од неодамнешните потези на централните банки. Турција, погодена од енергетскиот шок и турбулентноста на Блискиот исток, го отвори својот „златен резервен вентил“, продавајќи или позајмувајќи околу 20 милијарди долари во благороден метал. Ова предизвика најголем месечен пад на цената на златото од 2008 година.
Само помеѓу 27 февруари и 27 март, Централната банка на Турција се ослободи од 52 тони злато и организираше замени (свопови) со уште 79 тони, со цел дополнителен приход и стабилизација на турската лира. Вкупно, овие операции вредат околу 20 милијарди долари, што создаде значителен притисок врз пазарот, според пресметките на Financial Times.
Растечките цени на енергија и продлабочувањето на конфликтот на Блискиот исток натераа и други централни банки, вклучувајќи ја Русија и Полска, да размислуваат за продажба на злато како начин за зајакнување на валутата или подобрување на државната фискална позиција. Турција исто така продаде американски државни обврзници, за да ја поддржи сопствената валута.
Додека некогаш централните банки беа клучни за растот на цената на златото, сега нивните активности ја спуштаат вредноста на металот. Минатиот месец златото падна за 11,5%, најголем месечен пад во последните 18 години.
Турција држеше 60 до 70 проценти од своите резерви во злато. Со оглед на тоа што е потребна доларска ликвидност, дел од залихите мораа да се продадат или заминат во свопови. Иако влегувањето на поголеми количини злато на пазарот значително ги притиска цените, аналитичарите велат дека турската банка моментално располага со доволна ликвидност и нема итна потреба за дополнителни продажби.
Продажбата ја отсликува решителноста на Турција да ја стабилизира лирата, клучен дел од стратегијата за сузбивање на инфлацијата, која моментално достигна 31%. Нето меѓународните резерви на земјата се преполовени од почетокот на конфликтот во Иран, па достигнаа 46 милијарди долари.
Минатата година централните банки купија околу 860 тони злато, што е пад од 20% во споредба со претходната година. Во 2026 година, покрај Турција, продавачи се и Русија, која веќе продаде 15 тони во јануари и февруари, како и Полска, која размислувала за продажба за финансии на одбраната, но владата го одбила предлогот.























