Во драматична ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, Иран утрово истрела повеќе од две дузини балистички ракети врз Израел, во одмазда за американскиот напад врз ирански нуклеарни објекти. Најтешко погоден е Тел Авив, каде што дел од проектилите пробиле низ израелскиот противракетен штит „Iron Dome“, нанесувајќи големи човечки и материјални штети.

Според официјалните податоци, најмалку 86 лица се повредени – меѓу нив и две деца и еден маж на возраст од 30 години. Четири лица се во критична состојба. Засега не се пријавени загинати, но спасувачките екипи предупредуваат дека бројката на жртви може да се зголеми.
Најмалку 27 ракети биле лансирани кон неколку цели низ Израел. Иако повеќето биле пресретнати, дел од нив успеале да погодат цивилни области. Во централниот дел на Тел Авив се срушени неколку станбени згради, а голем број домови се тешко оштетени. Слична ситуација се бележи и во Рамат Ган, каде што еден цел станбен блок е уништен.

Сирените за воздушна опасност во дел од населбите се огласиле само неколку секунди пред ударот, оставајќи ги граѓаните без време за засолниште. Експлозии се регистрирани и во Ерусалим и Хаифа, каде е оштетена градската инфраструктура – патишта, електрична мрежа и водовод.

Ова е најсериозниот ирански напад врз Израел досега и доаѓа во момент на зголемени тензии на релација Техеран–Вашингтон–Тел Авив. Израелските власти најавија итен состанок на безбедносниот кабинет, а меѓународната заедница изрази длабока загриженост и повика на воздржаност.