Од првиот квартал на 2026 година, Франција ќе започне со употреба на розови регистарски таблички за нови и увезени возила, кои досега користеле бели таблички. Целта на оваа новина е да се спречат измами и злоупотреби со привремена регистрација.
Секоја година во Франција, меѓу 350.000 и 450.000 возила добиваат привремени регистарски таблички со важност од максимум четири месеци, но некои возачи продолжуваат да возат со истечени таблички. Новите розови таблички се видливи и лесно се препознаваат, што ќе ѝ овозможи на полицијата и царината побрзо да проверуваат возила со привремена регистрација.
Покрај бојата, на табличката ќе биде јасно отпечатен и датумот на истекување (месец и година), што ќе помогне и на камерите за брзина да утврдат дали возилото е законски проверено и регистрирано. Засега, ниту една друга земја не користи розова боја за регистарски таблички.























