Француското Министерство за надворешни работи денеска го повика Израел да се откаже од намерата за изградба на илјадници нови станови на Западниот Брег, оценувајќи дека проектот претставува „сериозно кршење на меѓународното право“.
Портпаролот на министерството нагласи дека Франција „најостро ја осудува“ одлуката на Израел за изградба на 3.400 станбени единици во особено спорниот регион, пренесе весникот Times of Israel.
Според повеќе земји, проектот познат како Е1 го загрозува формирањето на идната палестинска држава, чиј главен град би бил Источен Ерусалим.
Израелскиот екстремно десничарски министер за финансии, Бецалел Смотрич, во четвртокот најави дека наскоро ќе започнат градежните работи на населбата Е1, со што територијата на Западниот Брег би била преполовена и отсечена од Источен Ерусалим.
Смотрич дополнително изјави дека со реализацијата на овој проект „ќе биде закопана“ идејата за палестинска држава.