Истрагата на Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител за можни злоупотреби со финансиски средства од Европската Унија доведе до апсење на три лица, меѓу кои и ректорката на Колеџот на Европа, Федерика Могерини. Според белгиските медиуми, поранешната потпретседателка на Европската комисија е приведена на испрашување во рамки на проширената истрага.
Белгиските власти претходно спроведоа рации во седиштето на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во Брисел, како и во објектите на Колеџот на Европа во Бриж. Истражителите проверуваат можни неправилности поврзани со користење и распределба на европски средства.
Освен Могерини, уапсени се и менаџер во Колеџот на Европа, како и италијанскиот дипломат Стефано Санино, кој од 2021 до 2025 година ја извршуваше функцијата генерален секретар на ЕЕАС.
Од Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител засега не се откриваат дополнителни информации за текот на истрагата.



























