Шефицата за европска надворешна политика, Каја Калас, изјави дека конечниот мировен план за Украина мора да содржи јасни гаранции за спречување на каква било идно руско навлегување.
Зборувајќи во програмата „Туда“ на BBC Radio 4, Калас нагласи дека Москва мора да направи значајни отстапки и да преземе целосна одговорност за започнувањето на војната. Според неа, конфликтот не може да заврши без сериозни промени во односот на Русија кон меѓународните норми и договори.
„Ако сакаме да го завршиме ова засекогаш, навистина ни требаат отстапки од Русија. Не можете едноставно да нападнете друга земја и да не преземете никаква одговорност“, изјави таа.
Калас додаде дека идниот мировен договор мора да предвиди намалување на големината на руските вооружени сили, како и обврска Москва да ги почитува меѓународните договори. Тоа, според неа, е клучно за долгорочната безбедност на Украина и европскиот континент.
Говорејќи за можноста Русија повторно да стане дел од Г8, Калас беше категорична: „Тоа е дефинитивно неприфатливо. Не можеме да се вратиме на вообичаениот начин… како би можеле да го замислите тоа?“
Таа потсети дека Европската Унија има јасен став – Русија „нема право“ да му поставува услови на Киев во текот на мировните преговори, а европската политика останува непроменета: мирот мора да гарантира трајна заштита на Украина и да спречи повторна агресија од страна на Москва, и покрај најновиот мировен модел што го предлага американскиот претседател Доналд Трамп.























