
Европската комисија објави предлог-список за дополнителни санкции против Русија поради војната во Украина, со проширување на мерките во енергетиката, финансискиот сектор и трговијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека се предлага целосна забрана за поморски услуги поврзани со извозот на руска сурова нафта, во координација со земјите од Г7. Мерките предвидуваат и построги услови за набавка на танкери за таканаречената „флота во сенка“, како и забрана за обезбедување услуги за одржување и техничка поддршка на танкери и мразокршачи за течен природен гас.
Во финансискиот сектор, на листата се додаваат уште 20 руски регионални банки, а предложени се и нови ограничувања поврзани со користењето криптовалути.
Комисијата предлага и нови рестрикции за извоз во Русија на стоки и услуги – од гума и трактори до услуги за сајбер-безбедност – со вкупна вредност поголема од 360 милиони евра. Истовремено, се најавува забрана за увоз на метали, хемикалии и есенцијални минерали од Русија во вредност од над 570 милиони евра, како и воведување квота за увоз на амонијак.























