
Во пресрет на 62. Минхенска безбедносна конференција, шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, повика на заедничко европско задолжување како начин за финансирање на зголемените трошоци за одбрана. Според нејзините зборови, заемите земени заеднички од сите членки би биле поевтини отколку националните кредити, а Европа веќе има искуство со ваков пристап од време на пандемијата на Ковид-19.
„Како тогаш, така и денес, Европа се соочува со закана што го загрозува целиот континент“ нагласи Калас.
Поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел ја повтори идејата дека заедничко задолжување за одбранбени проекти е неизбежно. Тој посочи дека, и покрај долгогодишната германска позиција дека трошоците за одбрана треба да се покриваат преку национални буџети, реалноста е дека и во Германија дел од овие расходи можат да се финансираат единствено преку задолжување.
Габриел се повика и на извештајот на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, кој препорача делумно финансирање на европската одбрана преку заеднички долгови. – Иако овој пристап носи ризици и би бил скап, руските трупи на границата со Полска претставуваат уште поголем и поскап ризик – истакна тој.























