Претставници на Данското претседателство со Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано утринава постигнаа договор за конечниот текст на Регулативата што предвидува постепено и правно обврзувачко укинување на увозот на руски природен гас и течен природен гас (ЛНГ) во Европската Унија.
Според усогласеното, забраната ќе започне шест недели по влегувањето во сила на актот. Преминот кон целосна забрана на увозот на ЛНГ ќе трае до крајот на 2026 година, додека увозот на природен гас ќе биде укинат до есента 2027 година.
Данскиот министер за клима, енергија и комунални услуги, Ларс Агард, ја оцени Регулативата како „голема победа за Унијата“, нагласувајќи дека Европа мора трајно да стави крај на зависноста од руските енергенси. Тој истакна дека брзото постигнување на договор покажува силна посветеност на европските институции кон енергетската безбедност.
Регулативата, како клучен елемент на иницијативата „РЕПауерЕУ“, има за цел да создаде отпорен и независен енергетски систем. Таа предвидува забрана за увоз врз основа на краткорочни договори склучени пред 17 јуни 2025 година – од 25 април 2026 година за ЛНГ, и од 17 јуни 2026 година за природен гас. Увозот регулиран преку долгорочни договори ќе биде укинат од 1 јануари 2027 година за ЛНГ и од 30 септември 2027 година за природен гас, со можност за продолжување до најдоцна 1 ноември 2027 година.
Сите земји членки ќе мора во рок од еден месец да ја известат Европската комисија за постоечките договори за снабдување со руски гас и за националните законски ограничувања. Обврзани се и да изработат национални планови за диверзификација, кои треба да покажат како ќе се обезбеди прекин на увозот од Русија согласно роковите. Посебни планови ќе подготват државите кои сè уште увезуваат руска нафта.
Во договорот првпат се воведуваат и казнени одредби – ефективни и одвраќачки санкции за компаниите и физичките лица што нема да ги почитуваат мерките. Регулативата содржи и клаузула за суспензија во случај на сериозна енергетска криза во една или повеќе земји членки.
Усогласениот текст треба да биде одобрен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Гласањето во Парламентот е закажано за пленарната седница од 15 до 18 декември, по што Регулативата ќе може да стапи во сила со објавување во Службениот весник на Унијата.



























